Хојт Ји во Белград: Регионот на Западен Балкан важен за целиот свет
Американскиот заменик– помошник на државниот секретар на САД за Eвропа и Eвроазија, Хојт Ји, на средба со властите во Белград. Рече дека регионот на Западен Балкан е важен за целиот свет...

Американскиот заменик помошник државен секретар Брајан Хојт Ји изјави дека американската политика кон Западен Балкан се нема значајно променето од изборот на Доналд Трамп за претседател на САД и дека таа се базира на американските интереси, а тоа се стабилност на регионот, безбедноста и демократијата.
„Нашата голема активна присутност во последно време, дали во Македонија, Албанија или на Косово, како и поканата на потпретседателот Мајк Пенс на Вучиќ, укажува колку ни е битен регионот и за целиот свет“, рече Хојт Ји.
Во врска со сѐ поголемото руско влијание во регионот, тој се повика на изјавите на претседателот Доналд Трамп и секретарот Тилерсон, според кои секаде каде може да се најдат заеднички теми за разговор со Русите-тие ќе разговараат.
„Но, таму каде нашите интереси, нашите вредности и цели не се компактибилни, каде можеби се конфронтираме, ние силно ќе ги браниме и ќе ги чуваме нашите и интересите на нашите сојузници“, нагласи Ји.
Тој додаде дека САД ја следат активноста на Русија во регионот, настаните во октомври во Црна Гора и руската енргетска политика, оценувајќи дека постои одреден елемент на нестабилност во сето тоа, со можни лоши последици.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ
