Столтенберг: НАТО ќе се придружи на меѓународната коалиција против Исламска држава

25.05.2017 12:45

НАТО ќе се придружи на меѓународната коалиција против Исламска држава, предводена од САД, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. Ваквата одлука треба да биде официјализирана на состанокот на Алијансата во Брисел. Учествуваат шефови на држави или влади, меѓу нив и американскиот претседател Доналд Трамп.

Американскиот претседател Доналд Трамп е во Брисел каде што ќе се сретне со претставници од членките на НАТО, алијансата којашто долго време ја критикува поради прениските вложувања во воениот сојуз.

Ова е прва НАТО средба и за Душко Марковиќ, премиерот на Црна Гора која во јуни и официјално станува членка на Алијансата, како и на новоизбраниот француски претседател Емануел Макрон.

Освен за поделбата на активностите меѓу земјите-членки, се дискутира и за трошоците за одбраната, националните планови, и за приклучување кон меѓународната коалиција предводена од САД против терористите од Исламска Држава преку потесна соработка на разузнавачките, воените и силите на правдата.

„Испраќаме силна политичка порака за посветеноста во борбата против тероризмот. Ќе ја подобриме соработката во коалицијата, но нема да учествуваме во борбените операции. Претседателот Трамп даде јасна поддршка за НАТО чијашто главна задача е колективната одбрана. Со тоа ги поддржа гаранциите за безбедност и Членот 5 во кој е утврдено дека колективната безбедност е приоритетот. И тоа не остана само на зборови. Администрацијата претстави буџет во кој има зголемување за 40% во финансирањето за военото присуство во Европа. Размената на разузнавачки инфорамции е од суштинско значење“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Средбата на челниците на НАТО се одржува на две години, но овој состанок е исклучок поради отворањето на новото седиште лоцирано наспроти старото во бриселското предградие Евер. Целосната преселба е планирана за наесен.

Пред вечерата ќе бидат откриени два споменика пред новото седиште. Првиот е во спомен на падот на Берлинскиот ѕид, а вториот на нападот на 11-ти септември во САД кога НАТО за прв пат во историјата го активираше Членот 5 од Северноатлантскиот договор во кој е утврдено дека напад врз една членка е напад врз сите.

Во меѓувреме, обезбедувањето во Брисел е зголемено поради протестите против Трамп, кој според демонстрантите, шири идеологија на омраза, расизам и дискриминација.

„Им порачуваме на политичарите дека политиките и идеологијата на Трамп не се добредојдени. Ние немаме ништо лично против човекот, туку против расизмот, дискриминацијата и омразата кои ги пропагира“, вели еден демонстрант.

Британски „Гардијан“ наведува дека премиерката на Обединетото Кралство Тереза Меј на состанокот со Трамп во Брисел ќе изрази загриженост поради истекувањето разузнавачки податоци во американските медиуми за самоубиствениот бомбашки напад во Манчестер.

 

Маја Филдишев