НБРМ ја намали прогнозата- се очекува раст на БДП од 2,5%

25.05.2017 14:41

Како главни причини се посочени политичката криза, како и надворешното окружување со Брегзитот и зголемувањето на каматните стапки од ФЕД.

Народната банка направи надолна корекција на проекцијата за растот на македонската економија. За годинава, наместо претходните 3,5 проценти раст на БДП, сега се очекува 2,5 проценти, а проекцијата за в година е корегирана од 3,7 проценти на 3,2 проценти.

Како главни причини се посочени политичката криза, како и надворешното окружување со Брегзитот и зголемувањето на каматните стапки од ФЕД.

„Главните претпоставки на априлските проекции се задржување на здравите фундаменти на домашната економија, продолжените негативни ефекти од политичката криза врз однесувањето и довербата на потрошувачите и инвеститорите, како и претпоставката за постепено разрешување на кризата во текот на годинава, стабилизирање на амбиентот и исцрпување на неповолните ефекти до крајот на годината“, изјави гувернерот Димитар Богов.

НБРМ има непроменети очекувања за нивото на инфлацијата споредено со октомври и очекува забрзување на растот на цените, односно инфлација од 1,3 проценти годинава и 2 проценти догодина.