Повторно одложена седницата на Советот на јавни обвинители

25.05.2017 15:35

Ново одложување на седницата на Советот на јавните обвинители, на којашто требаше да се изберат нови обвинители. Се чека изборот на новата влада, а пречка биле дневниот ред и отсуството на двајца членови. Првиот човек на Советот, Аневски, вели дека ситуацијата е алармантна, особено во основните обвинителства. Додаде дека до Советот нема претставка за пријавите од Скопското обвинителство за собраниските настани.

Не се избрани двајца нови обвинители во републичкото и во скопското вишо обвинителство. Седницата на советот се одложи, бидејќи членовите не го усвоија дневниот ред. Претседателот на Советот, Петар Аневски, предупреди дека состојбата е алармантна, има недостиг од кадар. Смета дека било неопходно да се изберат обвинители, иако најави дека ќе се чека новата влада.

„Одредени членови викаат се додека не се формира нова Влада, не можеме да вршиме избор на јавни обвинители, да разрешуваме јавни обвинители, не можиме да распишиме оглас за избор на јавни обвинители. Ќе се стрпиме, јавните обвинителства не можат да останат без јавни обвинители, а и време е да се донесе одлука да се распише оглас за избори на јавни обвинители“, изјави Петар Аневски, претседател на Советот на јавни обвинители.

За случаите „Сопот“ и „Пуч“, претседателот на Советот рече дека се чекаат безбедносни сертификати за да бидат ставени на дневен ред. Сега, само двајца од членовите на Советот поседуваат ваков сертификат, кој е неопходен за предмети каде што има информации кои се највисока државна тајна.

За предметите поврзани со настаните во Собранието, досега не е пристигната претставка до Советот на јавни обвинители.

 

Наташа Гркова- Петрушевска