Интензивирање на преговорите за нова Влада

25.05.2017 16:03

Продолжуваат разговорите на партиите од парламентарното мнозинство за составот на новата влада. Лидерот на СДСМ и мандатар Зоран Заев вели дека консултациите се во полн ек. Се пеглаат одредени разлики во однос на распределбата на ресорите и персоналните решенија.

Преговорите за состав на новата Влада што ги води лидерот на СДСМ со политичките партии на Албанците се приближуваат до својата завршница. Заев вели дека е блиску до договор со ДУИ и Алијансата на Албанците за формирање на новата влада, додека со Движењето БЕСА, сѐ уште не разговарал за имиња, туку само за поделба на ресорите.

Рече дека негова конечна цел е до крајот на оваа недела владиниот кабинет и програма да бидат доставени до Собранието. Се надева дека идната седмица Македонија ќе има нова Влада.

Од Алијансата на Албанците велат дека тие остануваат на ставот дека за нив е најважно да се спроведат реформите во правосудство и да се интензивираат евротлантските интеграции, за што е можно поскоро влегување на земјава во НАТО. Ќе инсистираат да се донесе и Законот за употреба на албанскиот јазик.

Од БЕСА велат дека испорачале писмени документи за нивните позиции и дека учеството во Владата зависи од СДСМ. Преговорите продолжуваат.

 

Игор Панов