Лекарската комора бара измени во законската регулатива
Новото раководство на лекарската комора на првиот работен ден со предлози за измени во законската регулатива. Плаќањето по учинок и системот „Мој термин“ ќе претрпат промени, велат тие. Си поставуваат амбициозни цели- да го спречат одливот на млади лекари и доктор почетник да заработува најмалку две просечни плати.

Целосно укинување на плаќањето по учинок за лекарите и измена на системот „Мој термин“. Според новото раководство на Лекарската комора, за 15 минути не се прегледува пациент. На првиот работен ден со предлози за измени во законската регулатува, најавуваат промени во статутот на Лекарската комора.
„Како Лекарска комора ќе инсистираме на редовна интензивна соработка со Министерството и Фондот за здравство, затоа што она што досега ни пречело е дека треба да се направат промени во Законот за здравствена заштита и во Законот за образование. Ние тука мораме да земеме активно учсетсво, затоа што ние сме тие што ја пружаме таа услуга“, изјави д-р Калина Гривчева – Старделова, претседател на Лекарската комора.
Имаат цел да го спречат и одливот на млади лекари, доктор почетник да заработува најмалку две просечни плати. Ќе побараат измени во Законот за високо образование и во делот на специјализациите.
„Во тој предлог- закон се планира платата на докторот како основа да се земе просечната плата и да се избегнат сегашните ситуации кога платата на еден млад доктор е помала од платата на една медицинска сестра“, изјави д-р Илбер Бесими, заменик претседател на Лекарската комора.
За идната недела новото раководство најавува финансиска ревизија за досегашното работење на Лекарската комора.
Андријана Атанасовска
