Јакупи по четврти пат европски шампион
Со четирите медали на Европското првенство за помлади категории, од кои еден златен и три бронзени, Карате федерацијата на Македонија го продолжи континуитетот на врвни резултати на најзначајните натпреварувања...
Со четирите медали на Европското првенство за помлади категории, од кои еден златен и три бронзени, Карате федерацијата на Македонија го продолжи континуитетот на врвни резултати на најзначајните натпреварувања. На денешната прес конференција, веднаш по пристигнувањето од Европското првенство, беше истакнато дека ова беше историски настап, од неколку аспекти. Берат Јакупи по четврти пат стана европски шампион, по 2009 година, кога триумфираше на ЕП за кадети во Париз, потоа во 2010 во Измир во јуниорска конкуренција, а во последните две години и како постар јуниор (- 21 год). Јакупи ја испиша историјата со четвртиот златен медал во својата кариера, нешто што досега не го остварил никој во европското карате, кога се во прашање помладите категории. Со триумфот во Лисабон во категорија +78 кг, тој постави нови стандарди во овој спорт, и го заокружи импресивниот опус во изминатите 5 години. На патот до одбрана на титулата од минатата година во Коња, Јакупи во голем стил ги совлада петтемина ривали, а за неговата доминација најдобар показател е односот на освоени и загубени поени, кој изнесува 22:2.
“Очекував да биде тешко, но бев подготвен за се што се случуваше. Во завршните подготовки тренирав со Жарко Арсовски, кој многу ми помогна, а на ЕП покрај мене беа психологот Ленче Алексовска и лекарот на репрезентацијата, а секако тука беше и мојот тренер и селектор Арлинд Хусеини што ми донесе дополнителна самодоверба “ – изјави Јакупи.
Пуликсенија Јованоска освои бронза во кати во истата возрасна категорија (- 21 год), што е прв трофеј за македонското карате во кати поединечно.
“Пресреќна сум што сум токму јас првата носителка на медал во индивидуалните настапи во кати, за што најзаслужни се моите тренери, Златко и Елизабета Димоски. Секако дека ова за мене претставува дополнителен мотив, да продолжам напорно да тренирам“ - изјави Пуликсенија Јованоска.
Носители на бронза се и Мартин Стојменов, кој во јуниорска конкуренција (- 61 кг), на патот до својот најголем успех, постигна четири победи, како и женскиот ката тим, во состав Маријана и Мишела Димоски, и Искра Каракашоска, кои минатата година беа петти и на Европското првенство во Коња, и на Светското во Гвадалахара. Во кати поединечно за јуниори, успешни настапи имаа и Маријана Димоска, која се пласира на петтата позиција, како и Фери Исиќ, кој во машка конкуренција, исто така заврши на 5 – то место. За силната конкуренција, како и за распространетоста на овој боречки спорт во Европа, потврдува и податокот дека во Лисабон настапија 831 каратисти од 46 земји. На ова континентално натпреварување, конечно беше исправена долгогодишната неправда спрема КФМ и Македонија воопшто, затоа што по повеќе од една деценија, нашите каратисти настапија со кодот МКД, и според името кое Република Македонија го има во Обединетите Нации, што е уште една потврда за високиот авторитет кој го има нашата федерација во Европската карате федерација (ЕКФ).
