НБРМ: Годинава раст на економијата од 2,5%, в година 3,2%

25.05.2017 16:29

Народната банка ги ревидираше проекциите за македонската економија. Сѐ уште се прогнозира раст, но помал од првичните очекувања. Централната банка смета дека Македонија годинава ќе ја заврши со раст на бруто-домашниот производ од 2,5 проценти. Во 2018-та, позитивата би изнесувала 3,2 насто. Се чувствуваат негативните ефекти од политичката криза.

Раст од 2,5 насто за годинава, со тенденција на забрзување до 3,2 проценти следната година, најнови прогнози на Народната Банка за македонската економија. Надолна корекција во однос на октомвриските во кои стоеше, 3,5 проценти во 2017-та, со тенденција на пораст од 3,7 проценти во 2018-та. Неповолните ризици, Централната банка ги поврзува со продолжената политичка криза, велат спротивно на нивните очекувања и со надворешното опкружување, поврзано со Брегзит. И годинава, извозот и личната потрошувачка главен генератор на растот на домашната економија.   

„Клучни претпоставки на априлските проекции се задржување на здравите фундаменти на домашната економија и продолжените негативни ефекти од политичката криза врз однесувањето и довербата на потрошувачите и инвеститорите, како и претпоставката за постепено разрешување на кризата во текот на годинава, стабилизирање на амбиентот и исцрпување на неповолните ефекти до крајот на годината. Во вакви услови очекуваме економијата да покаже потенцијал за умерен економски раст, стабилни цени, умерен дефицит во тековната сметка и солиден депозитен и кредитен раст во текот на 2017-та и 2018-та година“, вели гувернерот Димитар Богов.

Инфлацијата е проектирана на 1,3 проценти, на два следната година.  Девизните резерви да останат во сигурната зона, а нето приливите на странски директни инвестиции и долгорочното задолжување на јавниот сектор да продолжат, прогнозира Народната банка. Благ пад на корекциите кај депозитите од 4,2 проценти, раст кај кредитите од 5,6 насто. Банкарскиот систем е стабилен и ликвиден. Но, политичката состојба сѐ уште не гарантира доволна стабилност за да го поттикне растот- вели гувернерот.

„Во наредниот период можно е да видиме постепено намалување на политичката нестабилност, но тоа сѐ уште е доста неизвесно. Претходните две години имавме политичка Влада, но немавме политичка стабилност, а нам ни треба политичка стабилност и намалување на неизвесноста“, посочува гувернерот Богов.

Разликата во проекциите за растот на македонската економија пред почетокот и надолните корекции за време на политичката криза, се штетите што ги претрпе македонската економија и целокупната бизнис заедница во изминатите три години- на новинарско прашање одговори Богов. Очекува и со новата Влада во иднина да продолжи координацијата на монетарната со фискалната политика.

Сузана Фиданска- Стоевска