Лажни вести како резултат на хакерски напад во Катар

26.05.2017 13:55

Владата негира дека шеикот им дал поддршка на Иран, Хамас, Хезболах и Израел. Во неточните информации се вели и дека шеикот му предвидувал краток мандат на американскиот претседател Трамп.

Лажните вести кои јавно беа осудени од САД, Русија и Британија се појавија и во информативните појаси на Скај Њуз Арабија и АЛ Арабија. Откако бил хакиран порталот на катарската новинска агенција при што беа објавени лажни информации за катарскиот емир, шеикот Ал Тани, двете станици со седиште во Обединетите Арапски Емирати посветија огромно внимание на неточни вести, поканувајќи и гости за дебата поради измислената изјава на челникот на државата. Владата негира дека шеикот им дал поддршка на Иран, Хамас, Хезболах и Израел. Во неточните информации се вели и дека шеикот му предвидувал краток мандат на американскиот претседател Трамп.

„Постојат меѓународни закони кои се занимаваат со ваков криминал, особено кибернетичките напади. Хакерите ќе имаат судење според законот“, изјави Мохамед Бин Абдурахман, министер за надворешни работи на Катар.  

И покрај негирањата, двете телевизиски станици продолжија да известуваат за дискредитираната приказна, предизвикувајќи револт околу професионализмот во новинарството.

„Медиумската кампања сѐ уште трае и се пропагира од овие телевизиски станици од Обединетите Арапски Емирати. Тие соработуваат со египетските медиуми, ситуацијата ќе ескалира“, изјави Мохамед Салех Ал Мисфер, Универзитет на Катар.

На последниот самит во Ријад со американскиот претседател Доналд Трамп односот на лидерите од Заливските земји, како и вообичаено, беше во пријателски и сојузнички дух. Министерството за надворешни работи на Катар се обидува да ги негира шпекулациите за наведените проблеми.

 

Маја Филдишев