Северна Кореја продолжува да ја спроведува воената програма
Трет проектил во три седмици. Северна Кореја продолжува да ја спроведува воената програма. Сеул, Токио и западните лидери повторно со осуда за Пјонгјанг.

Северна Кореја истрела нов неидентификуван проектил кој падна во Јапонско Море. Јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин го свика Националниот совет за безбедност, а Токио најави мерки против Пјонгјанг. Ова е трето истрелување на проектил во последните три седмици. Вашингтон испрати и трет носач на авиони кон западниот Пацифик како предупредување на операциите на Пјонгјанг.
„Јапонија не може да ги толерира постојаните провокации од Северна Кореја и нејзиното занемарување на предупредувањата од меѓународната заедница. И на самитот на Г-7 беше заклучено дека проблемот со Пјонгјанг е приоритет. Јапонија ќе соработува со САД“, изјави премиерот на Јапонија, Шинѕо Абе
„Севернокорејското истрелување на балистичките ракети е проблематично и за поморскиот и за воздушниот сообраќај, јасно ја прекршува резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите Нации. Јапонија остро го осудува Пјонгјанг за овие потези“, рече Јошихиода Суга, портпарол на владата во Јапонија.
Во меѓувреме, властите предводени од Ким Јонг Ун соопштија дека тестирале ново противвоздушно оружје. Северна Кореја има многу такви ракети кои се создадени во Советскиот сојуз, а нивните модифицирани верзии имаат домет од 1000 километри.
Од Вашингтон повеќепати порачаа дека сакаат нова расправа со Кина за новата резолуција на ОН за оваа тема. Во Пекинг се свесни за временското ограничување на преговорите кои треба да ја спречат воената програма на Кореја.
Маја Филдишев
