Утре собраниска седница за избор на новата Влада
Мандатарот Зоран Заев вчеравечер ги соопшти имињата на министрите, вицепремиерите и министрите без ресор од СДСМ, откако тие поминаа на Централниот одбор на партијата. На предлог листата има 25 министри, од кои осум без ресор. БЕСА реши да не учествува во владата предводена од Заев. СДСМ има 11 предложени министри, и седум без портфељ, ДУИ има четири и еден без ресор, и Алијансата двајца министри.

Собранискиот спикер Талат Џафери за вторник ја закажа пленарната седница на која ќе се дискутира и гласа за новиот владин кабинет на мандатарот Зоран Заев. По зеленото светло од Централниот одбор, Социјал- демократите владината програма и листата на предложените министри ја доставија до Собранието. Мандатарот Заев, како што рече, верува дека владата има капацитет за четири годишен мандат.
„Новата Влада по структура по капацитет и по кредибилитет, има сериозни огромни шасни да ги спорведе реформите да го унапреди квалитетот на живтот на граѓаните и знам дека е позитивно да се дискутира за секој и од позитивен и од негативен аспект самите луѓе во новата Влада имаат сериозен капацитет во којшто јас верувам“, изјави Заев.
Вкупно 15 ресорни министри ќе брои новата влада. Социјал- демократите ги кандидираа: Радмила Шеќеринска- министер за одбраната, Оливер Спасовски- за внатрешни работи, Драган Тевдовски- министер за финансии, Никола Димитров- за надворешни работи, Рената Десковска е предложена за министер за образование, Љупчо Николовски- за земјоделство, Мила Царовска- министер за труд и социјална политика, Роберт Алаѓозовски- за култура, Дамјан Манчевски- министер за информатичко општество и администрација, и Горан Сугаревски- за транспорт и врски.
Интегративците на Ахмети во владата ќе партиципираат во владиниот кабинет со шестмина.
Хазби Лика- вицепремиер задолжен за спроведување на Охридскиот Рамковен договор, Бујар Османи- вицепремиер за евроинтеграции, Булен Салиу ќе раководи со ресорот правда, Садула Дураку- министер за животна средина, Крешник Бекташи- министер за економија, Рамиз Мерко- министер без ресор.
Во неделата, последни со двајца кандидати за министри излегоа и Алијансата за Албанците. Арбен Таравари за здравство, а Сухејл Фазлиу за локална самоуправа.
БЕСА се откажа од владино учество и нема да гласа за новиот владин кабинет, незадоволни од изборот на кадрите, но и поради неприфаќањето на нивните услови за заедничко владение и редефинирање на државата. Сега во парламентот, новата влада има подршка од само 62 пратеници. Заев од СЈО ќе побара информација колку кандидатите за министри се кредибилни да седат во владина фотеља.
„Следува процес на унапредување на севкупниот квалитет на живот на граѓаните, економски, но и други аспекти на квалитетот на животот на граѓаните, тоа повеќе зависи од тоа, отколку од вкупниот број на пратеници. 2006-та година беше формирана Влада со 65 пратеници, мнозинство, тоа се само 3 пратеници повеќе, Јас верувам во поддршката и на другите пратеници согласно инклузивниот процес којшто ќе го имаме за сетоа она што значи реформи, важни процеси за државата“, нагласи Заев.
Според Деловникот, за состав на новата влада се дискутира 48 часа од почетокот на седницата. Најдоцна до среда на полноќ ќе биде познат исходот од гласањето за новата Влада.
Миле Ристески
