Самовработување: Грантови од 4.000 евра за 400 нови бизниси

29.05.2017 14:07

Нови можности за самовработување, грант од 4.000 евра нуди Агенцијата за вработување. Во наредиот период, невработените лица ќе можат да аплицираат за оваа мерка, ќе се финансираат 400 бизнис- проекти. За десет години преку мерката самовработување се отворени 8.730 компании, вработени се речиси 9.000 работници.

Нови можности за самовработување- грант од четири илјади евра обезбедува Агенцијата за вработување за невработените. Можат да аплицираат во наредните 15-тина дена. Ќе бидат финансирани 400 бизнис- проекти. Програмата вклучува обука за претприемништво, помош при развивање на бизнис- план, неповратни средства за набавка на опрема, материјали и менторство при стартување на бизнисот. 

„Оваа мерка е добра можност за секој кој има претприемачки дух, секој што има потреба од финансирање или неповратни средства да аплицира во Агенцијата за вработување. На крајот да видиме успешен пример на лице кое имало идеја, чувство за бизнис дека да успеало и вработува дополнително други лица во својот бизнис“, изјави Влатко Поповски, директор на Агенцијата за вработување.

Во првата фаза преку мерката самовработување, беа поддржани 600 бизнис проекти. Годинава е предвидено да се опфатат над 1.000 невработени.

„Во текот на октомври месец ќе ги избереме дополнителните 50 вработувања во овие 1.000 нови компании со тоа што ќе добијат дополнителни 1.500 евра неповратни средства за ново вработување во овие таканаречени старт- ап бизниси“, изјави Поповски.

За десет години, од кога се спроведува оваа мерка се отворени 8.730 компании, вработени се речиси 9.000 луѓе, 70 проценти од нив се во работен однос.

 

Андријана Атанасовска