Меркел: Британија и САД не се сигурни партнери

29.05.2017 14:23

Канцеларката истакна дека е јасно оти Европа повеќе не може да се потпре на своите долгогодишни партнери.

Германската канцеларка Ангела Меркел жестоко ги критикуваше САД и Велика Британија во својот говор на предизборен собир во Минхен, истакнувајќи дека Европа мора да ги земе работите во свои раце по незадоволителните разговори на состанокот на Г- 7. Канцеларката истакна дека е јасно оти Европа повеќе не може да се потпре на своите долгогодишни партнери.

„Времињата во кои можевме да се потпреме на други завршија. Го искусив тоа во последните неколку дена. Токму затоа, можам само да кажам дека ние, европејците, мораме да ја земеме судбината во наши раце, секако во добри односи со САД, Велика Британија, со Русија и со другите земји. Но, мора да знаеме дека самите мора да се бориме за нашата иднина“, нагласи Меркел.

По турбулентните разговори на состаноците на групата Г- 7 и НАТО Алијансата во текот на викендот, Меркел потенцира дека повоената западна алијанса била жестоко разнишана по два удара: излезот на Велика Британија од ЕУ и изборот на Доналд Трамп за американски претседател.

На дводневниот самит на Г- 7 во Италија дојде до судир меѓу Доналд Трамп од една страна, и лидерите на Германија, Франција, Италија, Канада и Јапонија од друга страна. Лидерите на тие земји апелираа на борба против изолација и протекционизам, истакнувајќи ја фундаменталната потреба за сочувување на слободниот пазар.

Со Трамп се согласија единствено за дополнителен притисок врз Северна Кореја, потреба за поголема соработка во борбата против тероризмот, како и во кревањето санкции против Русија.

 

Марина Автовска