Нимиц: Стабилноста на Балканот е поврзана со решението на разликите околу името

29.05.2017 14:39

Мора да се реши прашањето на името, двете земји и лидери со зачувувањето на дигнитетот и историјата можат да работат на ова прашање. Стабилноста на Балканот е поврзана со решението на разликите околу името, вели посредникот меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц.

Клуч за стабилноста на Балканот е спогодба околу уставното име на Скопје. Вака грчката телевизија „Антена“ ја толкува пораката од интервјуто на медијаторот Метју Нимиц дадено за  дописникот на телевизијата од Њујорк.

Балканот е во особено чувствителен период. Мандатот што го имам за прашањето со името, е клуч за решавање на овој проблем, кој што луѓето не го заборавија, но го ставија на страна... Прашањето за името мора да се реши и ќе се реши ако двете земји и лидери со поддршка од луѓето работат на нешто што ќе биде чувствително и што ќе го зачува дигнитетот на двете земји и нивната историска смисла, вели Нимиц за Антена.

Случајно или намерно, Нимиц периодов е невообичаено многу застапен во грчките медиуми. Со идентични пораки, медијаторот излезе и во неделното издание на грчкиот весник „Реал“, изјавувајќи дека од новата влада во Македонија очекувал да почне сериозни разговори за решение за името.

 

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ