Обвинетите во „Диво насеље“ отстранети од судница
Обвинетите во „Диво насеље“ го бојкотираа судењето откако судот ги одби предлозите на нивната одбрана да бидат изземени Судечкиот совет и обвинителите, како и доказите и барањата за сведочење на поранешни високи фунционери.

Обвинетите во „Диво насеље“ стануваа еден по еден и зборуваа без одобрение на судијката. Во своите наводи велеа дека судот не сака да ја чуе вистината и дека нивните докази се одбиени за да не бидат откриени организаторите на кумановските случувања. Судијката повторуваше дека обвинетите треба да останат во судница за да слушнат што ќе се случува понатаму. Потоа, речиси сите еден по еден ги отстрани од судницата.
Обвинетите побараа од судот да им биде прифатено барањето за сведочење на поранешни високи функционери во власта. Судот го одби ова барање, оти не било во согласност со Законот за кривична постапка.
Во овој случај обвинети се 37 лица за тероризам и терористичка организација, откако на 9-ти и на 10-ти мај 2015-та година во кумановско „Диво насеље“, вооружена група се судри со безбедносните сили. Загинаа осум полицајци и десет лица од вооружената група.
Фиљана Кока
