Расте интересот за изучување на италијанскиот јазик

29.05.2017 15:52

Расте интересот меѓу жителите на земјава за изучување на италијанскиот јазик. Од Институтот „Данте Алигери“ велат дека европските образовни програми нудат многу можности за младите...

Македонците сакаат да зборуваат италијански. Од Институтот „Данте Алигиери“ велат дека во моментот имаат 15-тина курсисти, а професорите се од катедрата по италијански јазик при факултетот „Блаже Конески“ во Скопје. Убавата Италија и можноста за работа и посета се најголемиот предизвик за изучување на јазикот.

Важна е промоцијата на италијанскиот јазик во Македонија, истакна амбасадорот на Италија, Карло Ромео. Нагласи дека програмата „Еразмус плус“ е од огромно значење за младите.  Според директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Дарко Димитров, целта на настанот е да се одбележи 30-годишнината од постоњето на оваа програма.

Институтот „Данте Алигиери“ работи од 1992-ра година, организира бесплатни јазични курсеви за деца во четири основни училишта во општините Центар и Карпош.

Преку програмата „Еразмус плус“ 20-тина студенти заминале во Италија на пракса и на работа. Факултетот од Куманово лани испратил студенти на тримесечна практика во компании во Италија кои се занимават со осигурителен бизнис.

Студентите од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, од Катедрата за италијански јазик дел од своите студии ги поминуваат во Италија.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска