ИН МЕМОРИАМ: Тодор Малезански

29.05.2017 15:54

Утрово почина нашиот колега Тодор Малезански, правник во Македонската радиотелевизија, истакнат медиумски работник и експерт, активен член на Комитетот за правни работи во Европската радиодифузна унија во три мандати.

Во 62-та година од животот, по кратко боледување, утрово почина нашиот колега Тодор Малезански, правник во Македонската радиотелевизија, истакнат медиумски работник и експерт, активен член на Комитетот за правни работи во Европската радиодифузна унија во три мандати.

Беше роден на 3-ти август 1955 во Скопје. Средното образование го завршил во гимназијата „Орце Николов“, а дипломирал и магистрирал на правниот факултет при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во текот на својот богат професионален живот извршувал низа функции во Сојузната влада на СФРЈ, а по осамостојувањето на Република Македонија бил назначен за  потсекретар во Министерството за одбрана во владата.

Во 1994-та година се вработува  во Македонската радиотелевизија како помошник на генералниот директор. Смртта го затекна на функцијата помошник на директорот на Македонската радиотелевизија.

Неговите посмртни останки ќе бидат изложени утре од 13 до 14 часот во капела на градските гробишта во Бутел.