Груевски: Брзањето за гласање на новата Влада- страв за анализа на перформансите и ветувањата
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски вели дека брзањето за гласањето на новата Влада е поради страв за анализа на перформансите на кандидатите и на ветувањата. Според него, програмата е памфлет. Оценува дека фокусот за привлекување инвестиции сериозно ќе опадне.

„Шверцерски обид на Заев да избега од дискусија за кандидатите за новиот владин тим“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски за предлогот на мандатарот. Според него, има страв од анализа на јавноста и на опозициските пратеници за нивните досегашни перформанси, како и за нивното минато, образование и учинок. Програмата ја нарече памфлет.
„Станува збор за набрзина создаден состав на влада што треба да ги задоволи апетите на челните луѓе во партиите без воопшто да се гледа за нивната стручност, за нивното искуство во минатото. Многу од нив се со криминални и корупциски афери во своето досегашно работење. Така што не може да стане збор за реформска влада, напротив може може да стане збор за антиреформска влада ова што се предлага на шверцерски начин да се помине низ Парламентот. Имаат доставено нешто како памфлет, што треба да се изанализира“, изјави Груевски.
Груевски оценува дека фокусот за привлекување инвестиции сериозно ќе опадне затоа што во новата влада не гледа ниту еден специјализиран кандидат што може да го реализира тоа. Вели дека во потрагата по странските инвеститори се изоставени членови од дијаспората.
„Во наредната година, година и пол, ќе има инвеститори кои, како што рече се изработени од оваа влада, коишто се веќе во длабока фаза ги имаат изработено своите планови, некои од нив имаат донесено или се пред донесување одлуки, подготвени локации, подготвено се што им е потребно проекти за градба на фабрики... Она што е жалосно е што нема да има многу нови затоа што новите ќе немаат соговорници како што имаа досега. Досега имаше многу соговорници и од сите страни на некој начин им беше приоѓано за да се разговара со нив со стратегија како да се привлечат. Сега во новата влада гледаме дека има десетина членови на влада коишто се без ресор меѓутоа ниту еден не е за привлекување странски инвестиции“, рече Груевски.
За ВМРО-ДПМНЕ останува дилема, зошто дел од најважните ресори, здравство и правда, за кои се најавуваа најмногу реформи, СДСМ им ги предаде на коалициските партнери.
Наташа Гркова- Петрушевска
