Катастрофална бура мина низ Москва
Повеќе од 30.000 луѓе во три руски региони останале без електрична енергија. 60 илјади биле евакуирани од областа Ставропол поради опасност од поплави.

Во катастрофалната бура што вчера попладнето ја погоди Москва загинаа 14 луѓе, а 170 се повредени, од кои 150 биле хоспитализирани. Луѓето најчесто страдале од паднати дрвја и покриви, како и различни предмети кои летале на сите страни. Жителите на Москва велат дека сѐ се случило за десетина минути.
Повеќе од 30.000 луѓе во три руски региони останале без електрична енергија. 60 илјади биле евакуирани од областа Ставропол поради опасност од поплави.
Оштетен бил објект во Кремљ, како и сенатскиот дворец. Ураганот соборил и 3.500 дрвја, а московските служби за вонредни ситуации биле ангажирани за нивно отстранување.
Ветерот дувал со брзина од 110 км/ч, што според метеоролозите е исклучително ретко за руската престолнина, што предизвикало штета на инфраструктурата и на некои објекти.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјањин изјави дека невремето го нарушило железничкиот сообраќај и одложило десетици летови на московските аеродроми. Оштетени се повеќе од 1.500 автомобили и над 140 згради.
Во отстранувањето на последиците од ураганот се ангажирани повеќе од 1.000 спасувачи. Властите мобилизирале 170 единици техничари. Ова е најголемото невреме во Москва во последните 20 години. Во 1998-ма, во ураган загинале 8 луѓе.
Марина Автовска
