Собранието ја почна седницата за избор на Влада
Мандаторот Зоран Заев ја претстави програмата пред Законодавниот дом. Рече дека владата ќе се фокусира на три клучни темели- економија и живот за сите, силни професионални институции и правда, како и интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО.

Почна седницата за избор на новата Влада. Мандаторот Зоран Заев ја претстави програмата пред Законодавниот дом. Рече дека владата ќе се фокусира на три клучни темели- економија и живот за сите, силни професионални институции и правда, како и интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО.
Истакнувајќи дека ќе работат чесно и посветено исклучиво за потребите на граѓаните на Македонија, мандатарот Заев рече дека Македонија ќе биде држава на сите граѓани и оти ќе се гради обединето општество кое ќе обезбеди стабилност. Наша цел е почеток на преговори со ЕУ и членство во НАТО во најкраток рок, рече Заев.
Во фокусот на владата, како што наведе, ќе биде развојот на економијата и стандардот на граѓаните, при што најавува просечна стапка на раст од пет проценти, зголемување на минималната плата на 16.000 денари и до 30.000 на просечната плата.
Дел од мерките во програмата се поддршка на домашните претпријатија пред се малите и средните, активни мерки за вработување преку кои годишно би се вработиле по 16 илјади лица во приватниот сектор, како и промени во даноците и социјалните трансфери.
Освен економски развој, според Заев, најсериозна ќе биде и реформата во правосудството, а Македонија ќе биде правна држава за сите.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја започна седницата со обраќање на албански јазик, а потоа продолжи на македонски. Реагираше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, со забелешка- според законската легислатива, седниците треба да се водат на македонски јазик, сѐ додека не се донесат законските измени договорени со СДСМ. Не беше усвоен предлогот за измени на Изборниот законик по итна постапка.
