Поднесени над 1.300 барања за субвенции за велосипеди до Град Скопје

30.05.2017 13:40

Средствата што ќе ги надоместува Град Скопје се во износ од 50 отсто од цената на велосипедот, но не повеќе од 4.000 денари, нето износ, по лице...

Повеќе од 1.300 барања за субвенција за купување велосипед се доставени до денеска на шалтерите на Град Скопје. Градските власти информираат дека на граѓаните ќе им обезбедат поврат на дел од потрошените средства за набавка на велосипед. Јавниот повик беше објавен во дневните весници и на градската веб страница од 13 мај 2017 година, а средства ќе се доделуваат се до исцрпување на буџетот наменет за таа намена, но не подоцна од 31 декември 2017 година. Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „Прв дојден прв услужен“.

Средствата што ќе ги надоместува Град Скопје се во износ од 50 отсто од цената на велосипедот, но не повеќе од 4.000 денари, нето износ, по лице. Град Скопје најави дека за времетраењето на повикот, најмалку двапати ќе има повторно известување на јавноста преку електронските медиуми.

Право на учество на овој јавен повик имаат жителите на Град Скопје, односно од општините Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај кои ќе купат велосипед од денот на објавување на јавниот повик се до исцрпување на буџетот наменет за таа намена, но не подоцна од 31 декември 2017 година.