Пад на индустриското производство
Според податоците на ДЗС, секторот Рударство и вадење камен бележи пораст од 2,9 отсто, во секторот Преработувачка индустрија има опаѓање од 2,8 проценти, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 1,2 отсто.

Индустриското производство во април годинава е намалено за 1,9 отсто во споредба со истиот месец од претходната година, а во првите четири месеци е пониско за 1,6 отсто во однос на истиот период од лани, соопшти Државниот завод за статистика. Според податоците, секторот Рударство и вадење камен бележи пораст од 2,9 отсто, во секторот Преработувачка индустрија има опаѓање од 2,8 проценти, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 1,2 отсто.
Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред се, на намаленото производство во одделите Производство на прехранбени производи, Производство на пијалаци, Производство на облека, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на метали и Производство на електрична опрема.
Според главните индустриски групи, производството во април 2017 година, во однос на април 2016 година, бележи пораст кај Енергија за 0,4 отсто и Капитални производи за 2,8 проценти, додека опаѓање бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 1,2 отсто, Трајни производи за широка потрошувачка за 9,1 и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5,2 отсто.
