Претседателот на Еквадор му дозволи престој на Асанж во амбасадата во Лондон

30.05.2017 14:29

Претседателот на Еквадор му дозволи престој на Асанж во амбасадата во Лондон и покрај тоа што, како што вели, се занимавал со хакерски напади.

Новиот претседател на Еквадор, левичарот Ленин Морено го нарече Џулијан Асанж „хакер“, но дозволи основачот на Викиликс да остане во амбасадата на оваа земја во Лондон.

„Асанж е хакер. Тоа е нешто на кoe се спротивставуваме, особено јас лично, но свесен сум за ситуацијата во која се наоѓа и мора да се почитуваат неговите човекови права. Но, и ние бараме почит од него“, изјави Морено.

За неговиот претходник Рафаел Кореа, Асанж беше новинар и му овозможи азил во еквадорската амбасада во Лондон во 2012 година за да се спаси од испорачување во Шведска поради обвиненијата за силување.

Морено положи заклетва во почетокот на месецов и уште во предизборната кампања зазеде остар став кон Асанж, предупредувајќи го да не се меша во политиката на земјите кои му се пријатели на Еквадор.

Шведското обвинителство го повлече обвинението за сексуално малтретирање и го отповика европскиот налог за апсење поради кој Асанж беше принуден да се скрие во амбасадата и да бара азил. Британската полиција соопшти дека планира да го уапси ако излезе од објектот поради непочитување на правилата за условно ослободување во Британија во 2012 година откако побегна во дипломатската мисија.

Основачот на Викиликс постојано ги отфрла обвинувањата. Потенцира дека доколку се случеше екстрадицијата во Шведска, тој ќе беше префрлен во САД каде што постои можност да има судење поради објавување на огромен број доверливи информации на војската и дипломатите.

Маја Филдишев