Заев: Три клучни темели за работа на Владата
Почна седницата за избор на новата Влада. Мандаторот Зоран Заев ја претстави програмата пред Законодавниот дом. Рече дека владата ќе се фокусира на три клучни темели- економија и живот за сите, силни професионални институции и правда, како и интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО.

Македонија влегува во реформски процес како земја со институции за сите граѓани. Ние ќе обединуваме, нема да делиме. Ова се делови од програмата на новата Влада што ја гарантира унитарноста на државата, изјави мандатарот Зоран Заев, најавувајќи ги трите столба врз кои ќе се темели работата на извршната власт.
„Три клучни темели ќе гради новата реформска Влада. Новата реформска Влада ќе биде посветена на економијата и живот за сите. Новата реформска Влада ќе биде посветена на силни професионални институции и правда за сите. Новата реформска Влада ќе биде посветена на Европската унија и НАТО и перспективи за сите. На тоа се обврзувам овде, во Законодавниот дом низ којшто ќе ги носиме одлуките“, рече мандатарот Заев.
Образложувајќи ги програмските определби во областа на економијата, здравството, работничките права, платите, пензиите, прогресивното оданочување, младите, новите инвестиции, мандатарот се осврна на владеењето на правото. Најави формирање на Специјално одделение во Основниот суд еден под надлежност на Специјалното јавно обвинителство.
„Се обврзувам на одговорна Влада за што ќе обезбедиме и соодветна контрола над власта. Институциите да работат независно и професионално. Граѓаните во секое време да знаат за што се наменети буџетските пари. Освен одговорна, ќе бидеме и отворена и транспарентна Влада. Сите одлуки важни за граѓаните ќе ги носиме низ консултации со граѓаните и граѓанските здруженија“, нагласи Заев.
Ќе има и соодветна контрола на следењето на комуникациите, рамномерен развој на планските региони, реформи во медиумскиот простор, како и овозможување соодветна употреба на јазиците на заедниците без загрозување на македонскиот јазик, рече Заев. Тој, пред пратениците се обврза- ќе бидам премиер на сите граѓани, и во Собранието ќе се носат законите, предложени од извршната власт.
„Почитувани министри, ваша е одговорноста за граѓаните исто колку и моја. Не очекувајте да бидам министер наместо вас. Вам ви ја доверив таа обврска и должни сте да ја исполните кон граѓаните. Министерот не е назначен за да го прашува премиерот, туку за да предлага решенија. И јас така очекувам дека ќе работите. Секој мора да работи одговорно, отчетно, професионално. Нула толеранција ќе имаме за криминал. Нула толеранција за корупција. Нула толеранција за врски. Дојде време за Влада на граѓаните. Дојде време за институции на граѓаните“, рече мадатарот Заев.
Пред нас се отвораат хоризонтите на евроатлантското семејство, подвлече Заев во обраќањето, цитирајќи го, Киро Глигоров, првиот претседател на независна Македонија, во мир да развиваме демократско општество, преку меѓусебна толеранција да бидеме почитувани и дома и во светот.
Зоран Богатинов
