Се намалува трендот на пушење кај тинејџерите, се зголемува кај повозрасните

30.05.2017 16:15

Се намалува трендот на пушењето кај тинејџерите, се зголемува кај повозрасната популација- покажува најновото истражување на Иститутот за јавно здравје. Според податоците на Светската здарвствена организација, околу шест милиони луѓе во светот секоја година умираат како последица на болести предизивикани од тутунот.

Македонците важат за нација зависна од никотин- најновите истражувања покажуваат дека 46 насто од испитаниците на возраст од 15 до 64 години пушат цигари. Зависноста од нив е навика која влијае врз здравјето, па граѓните се откажуваат по препорака на лекарите, други пак велат неможат без цигари.

„Ми пречеа во дишењето, кашлав, морав да се откажам од цигарите.“

„Сопругата пушеше 20 години и ги откажа. Имаше задушување, ги снимаше градите, докторот и ги забрани цигарите.“

„Пушам од 18 години никакви проблеми немам, без цигари нема живот.“

„Кога бев помал пушев цигари од љубопитност, сега не пушам“- велат граѓаните.

Истражувањето покажало дека се намалува трендот на пушењето кај тинејџерите до 15 години, според лекарите тоа се должи на забраната за рекламирање на тутунот, но и ограничување на пушењето во јавните простории.

„Кај помладата популација бележиме значајно намалување ако во првото истражување од 1999 година имавме 56 проценти кои имале контакт со цигарата, сега во 2015 година беа 38 проценти, тоа е позитивен тренд“, изјави д- Силвана Ончева, Институт за јавно здравје.

Светската здравствена организација повикува за поголема контрола на тутунот. На тој начин ќе се намалат кардиоваскиларните болести, малигните и хронично белодробните заболувања.

„Одгледувањето на тутунот бара големи количини на пестициди и ѓубрива, кои можат да бидат токсични и ја загадуваат водата за пиење. Секоја година за одгледувањето на тутунот се користат 4,3 милиони хектари земјиште, што резултира со глобално намалување на површините со шуми“, изјави д-р Елена Ќосевска, Институт за јавно здравје.

Околу 80 проценти од од предвремената смрт од употреба на тутунот се случува во земјите со низок и среден приход.

Повеќе од шест милиони смртни случаи годишно се поврзуваат со пушењето. Според Светската здравствена организација, доколку не се преземат одредени мерки, се претпоставува дека овој број ќе се зголеми на осум милиони до 2030- та година.

 

Андријана Атанасовска