Џафери и Милошоски во кавга за јазикот
Талат Џафери ја отвори седницата на албански јазик. Милошоски го обвини дека ги прекршил Деловникот и Законот. Не помина предлогот на дневен ред по итна постапка да се расправа за датумот за локалните избори...

Собранискиот спикер Талат Џафери седницата за избор на новата Влада ја почна на албански јазик, потоа продолжи на македонски. Ова ги налути пратениците од ВМРО- ДПМНЕ. Милошоски го обвини Џафери дека ги крши Деловникот и Законот за употребата на јазиците.
Собранискиот спикер му возврати на Милошоски: „Ако продолжите да ми се обраќате со пратеникот Талат Џафери согласно со Деловникот и Законот имам право да го користам мајчиниот јазик“.
На денешната седница не помина предлогот на Илија Димовски парламентарното мнозинство по итна постапка да ги донесе измените и дополнувањата на Изборниот законик за да им се продолжи мандатот на градоначалниците и да се утврди 15-ти октомври како датум за локалните избори.
Парламентарното мнозинство го одби предлогот на Димовски. Горан Мисовски од НСДП рече дека сѐ додека не се формираат комисиите, не може да се расправа за овој закон и ги посочи дека ВМРО-ДПМНЕ го попречува нивното формирање.
Викторија Милевска
