Продолжува седницата за избор на Влада

31.05.2017 08:53

Расправата почна вчера, откако мандатарот Зоран Заев ја образложи владината предлог-програма. Заев најави реформи и промена во начинот на водење на политиката во Македонија.

Собранието на Република Македонија денеска напладне треба да ја продолжи седницата за избор на новата влада, а најдоцна до полноќ и да го изгласа предложеното решение со најмалку 61 глас.

Расправата почна вчера, откако мандатарот Зоран Заев ја образложи владината предлог-програма. Заев најави реформи и промена во начинот на водење на политиката во Македонија. Напомена дека трите клучни цели ќе бидат економијата, професионалните институции и правдата, како и Европската унија и НАТО. Во фокусот на новата влада ќе биде и правосудството, сегмент во кој, како што истакна мандатарот, се планирани најсериозни реформи.

Вети дека ќе биде премиер на сите граѓани на Република Македонија, дека ќе обединува и нема да дели, дека ќе поставува и нема да крши, и дека ќе обезбедува перспективи и нема да изолира. На министрите, пак, им порача дека имаат одговорност исто колку што има и тој.

По обраќањето на Зоран Заев, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека понудената владина програма е реално неостварлива, особено во делот на економијата, а предложените кандидати за министри немаат капацитет да одговорат на висината на задачата. Според СДСМ, пак, успехот и остварувањето на сите предвидени проекти се гарантирани зашто базираат на реални проекции и можности и зашто владиниот тим го сочинуваат луѓе докажани во својата струка.

Предлог-составот на новата влада е единствена точка на дневниот ред на втората седница на Собранието на Република Македонија. Владата треба да биде избрана два дена по почнувањето на седницата, односно најдоцна денеска на полноќ, а за тоа е неопходно да гласаат најмалку 61 пратеник.