Најмалку 80 загинати и над 300 ранети во нападот во Кабул
Во експлозијата биле оштетени Француската, Германската амбасада и Јапонската амбасада, како и Кинеското дипломатско претставништво, а ранети биле и двајца јапонски дипломати.

Повеќе од 80 луѓе загинаа, а над 300 се ранети во силна експлозија што одекна во дипломатска област во Кабул. Нападот бил извршен со автомобил бомба во близина на Германската амбасада во центарот на градот, во област каде што има и други дипломатски претставништва и административни згради, но и претседателската палата.
Во експлозијата биле оштетени Француската, Германската амбасада и Јапонската амбасада, како и Кинеското дипломатско претставништво, а ранети биле и двајца јапонски дипломати.
„Има голем број жртви, но не знам точно колку луѓе се убиени, а колку ранети.“
„Одев на работа, бев во автомобил кога експлодира бомбата.“
„Отпрвин не знаев што беше гласниот звук. Седев во соба, требаше да имам интервју на телевизија. Тогаш ѕидот падна, и неколку дрвени табли паднаа врз нас. Видов како луѓе лежат на подот и како течат потоци крв“- велат очевидци.
Германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел изјави дека во експлозијата бил повреден вработен во германската амбасада, а загинал припадник на обезбедувањето, кој во моментот на нападот стоел пред амбасадата.
Габриел истакна дека другите вработени во амбасадата се на безбедно и порача дека овој напад нема да ја поколеба Германија во решеноста да го поддржи Авганистан во стабилизација на земјата.
Експлозијата оддекнала за време на утрински метеж во област каде што се сместени многу амбасади, поради што се стравува дека бројот на загинати ќе расте. Агенциите наведуваат дека биле уништени и 30 возила.
Марина Автовска
