Попоски: Препораките за ЕУ и НАТО се наш квалитет
Министерот за надворешни работи во заминување Никола Попоски даде отчет за министерството со кое раководел. Рече дека ЕУ треба да го смени односот кон земјите- кандидати и да даде временска рамка со која ќе се одреди кога таа земја ќе биде примена во ЕУ. Попоски посака натамошно работење на Министерството за граѓаните кон европска Македонија.

Осум години препораки за членство во Европската унија и земја која одамна ги исполнува условите за интеграција во НАТО се показатели што е направено во Министерството за надворешни, посочи вицепремиерот и шеф на дипломатијата во заминување, Никола Попоски. Проблемот е прагматичен и станува збор за една земја која го попречува придружувањето, иако со Грција е постигната нагорна линија во меѓусебните односи. Затоа, според Попоски, кој ја продолжува кариерата како пратеник во Собранието, Унијата мора да укаже на соодветна временска рамка.
„Дали тоа би било 2022 или 2024 година, треба да одлучат тие кои одлучуваат во рамки на ЕУ. Без таква перспектива, со повторување на ставот дека до таа година немало да има проширување, мислам дека не се помага ниту на европската кауза, ниту на земјите- кандидати“, рече шефот на дипломатијата во заминување, Никола Попоски.
Самоницијативноста преземена од Берлинскиот процес ги раздвижи активностите, но политиката на Брисел останува флуидна, особено по изјавите за застој на евроинтеграците до 2020-та. И од тој аспект, никој нема право да работи против интересите на земјата, рече Попоски, одговарајќи на прашањето, дали менувањето на уставното име било цел на политичката криза.
„Она што е став во однос на ова прашање е многупати искажан. Тоа што е за мене релевантно е дека не смее да се прави ништо што е на штета на националните интереси на Република Македонија и сметам дека секој носи таква одговорност. Во однос на процесот, процесот почнал многу порано, траел многу долго, крајно неблагодарно е за било кој да прогнозира што ќе биде следниот месец“, рече Попоски.
За случајот со српскиот дипломат во Собранието, Попоски изјави дека во МНР била повикана српската амбасадорка и дека се истражуваат околностите дали се спротивни на одредбите од Виенската конвенција.
Набројувајќи ги постигнувањата на македонската дипломатија во неговиот период, меѓу кои и хашката пресуда во корист на земјава, вицепремиерот Попоски посака натамошно работење на Министерството за граѓаните кон европска Македонија.
Зоран Богатинов
