Пациентите со мултиплекс склероза бараат достапност до нова терапија
Пациентите кои боледуваат од мултиплекс склероза се лекуваат со стара терапија, а со неа е помал процентот за спречување на прогресирањето на болеста- велат од Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“. Во светот повеќе од 2,3 милиони луѓе живеат со ова заболување.

Повеќе од една деценија, Кристина се бори со заболувањето кое и предизвикува инвалидитет- мултиплекс склероза. Пред неколку години болеста и прогресирала, оттогаш се движи со стапче. Морала да ја затвори фирмата во која работела како сметководител, сега зема инвалидска пензија. Вели, институциите треба да водат повеќе грижа за овие пациенти, бидејќи болеста најчесто ги напаѓа младите меѓу 30-та и 40-та година од животот, кога се најпродуктивни.
„Ако се споредиме со поразвиените земји, каде што самиот пациент можеби ќе заборави на болеста, а државата не, таму пациентите секој месец имаат редовни прегледи, имаат адаптирани станови, работни места, имаат лични асистенти кои се грижат за нивното здравје. Во тој случај и ние треба да тежнееме кон тоа“, изјави Кристина Проскоска- пациент.
На Клиниката за неврологија се регистрирани околу 1.300 пациенти со ова заболување, болните се лекуваат со терапија стара 25 години. Пациентите бараат зголемување на буџетот и воведување на нови лекови.
„Нашиот апел е во нашата држава да дојдат лековите кои во моментов се актуелни и придонесуваат до 65 проценти успорување на прогресија на болеста, бидејќи во моментов примаме терапија која е со 23 насто на спречување на болеста“, изјави Дејан Ѓоргиевски, претседател на Здружението „Мобилност“.
„Имавме право на парична помош, за нега од трето лице кое на нас ни е неопходно, затоа што многу често се случува да не можам да застанам на нозе, да не можам да отидам да си купам леб. Но социјалните установи ни ја укинаа таа парична помош на вработените кои се трудиме да преживееме затоа што мислат дека сме доволно богати за да можеме да се грижиме сами за себе, но не е така“, вели Благица Јовчевска- пациент.
Во светот повеќе од два милиона и 300 илјади луѓе живеат со мултиплекс склероза. Првите симптоми се заматен вид, слабост во екстремитетите и нестабилност. Причината за појавата на оваа болест сѐ уште не е позната.
Андријана Атанасовска
