Народниот правобранител бара решавање на правниот проблем на бегалците од Косово

31.05.2017 15:56

Итно решавање на правниот проблем на бегалците од косовската криза, бара народниот правобранител, Иџет Мемети. Вели дека овие луѓе веќе 18 години престојуваат во Македонија и сѐ уште се без решен статус. Слична судбина, според омбудсманот, имаат речиси 1.000 припадници на ромската заедница.

Народниот правобранител го следи третманот на бегалците во земјава. Од канцеларија на омбудсманот велат дека имаат евидентирано случај на прогон на бегалци од Транзитниот центар во Куманово под изговор за наводна реадмисија. Најавена е истрага. Исто така, Народниот правобранител вели дека го разгледуваат случајот и на повеќе од 150 бегалци од Косово кои 18 години живеат во Македонија без решен правен статус.

„Од вкупно 605 бегалци од Косово, 154 се со таканаречен „жолт картон“, а со одбиени барања за право на азил и со прекинат статус под субсидијарна заштита. Една третина од вкупниот број се деца кои мора да уживаат посебна заштита“, изјави народниот правобранител, Иџет Мемети.

Вели, живеат во тешки услови, без средства за егзистенција, без здравствена заштита, без можност за добивање матични броеви за нивните деца и без можност за остварување на какви било други права.  Слична судбина, според Омбудсманот, имаат речиси 1.000 припадници на ромската заедница.

Наташа Јанчиќ