Нов тарифник- 2.000 денари најниска цена на сметководствени услуги

31.05.2017 16:22

Управата за јавни приходи и Централниот регистар да не дозволуваат даночни пријави, биланси и годишни сметки да поднесуваат нерегистрирани сметководители, апелираат од Сојузот на стопанските комори. Од први јули почнува да се применува тарифникот за најниска цена со сметководствени трошоци...

Управата за јавни приходи и Централниот регистар да не дозволуваат даночни пријави, биланси и годишни сметки да поднесуваат неовластени сметководители- бара Комората. За да се зголеми квалитетот на услугите, нивото на професијата и да се намали нелојалната конкуренција апелира- сметководителите да го почитуваат новиот тарифник на услуги.

„Со воспоставување прецизни правила на пазарот за давање услуги кон клиентите ќе дојде до намалување на нелојалната конкуренција, ќе се прецизираат критериумите, цената и правилата за подигнување на ниво и на квалитет како гаранција за сработеното. Така ќе бидат заштитени сите засегнати страни. Со формирање минимум надомест за покривање на трошоците кои нашите колеги ги имаат при вршењето на книговодствените услуги, како и цена по час за консултантски услуги од областа на сметководство и финансии, слично како и кај останатите дејности, очекуваме дека во голема мерка ќе се регулира сметководтвената професија“, вели Анѓелко Грозданов, Комора на сметководители.

Новиот тарифник нема да биде на штета на малите бизниси, ќе добијат поквалитетни услуги, тврдат сметководителите.

Тарифникот не е ценовник, го регулира само минимум надоместокот за покривање на трошоци кои сметководителите ги имаат при вршење на книговодствени услуги- објаснуваат од Комората.

„Не е целта да се намали или минимизира учеството на менаџерите или стопаснтвениците туку тие да добијат појасна слика за работењето на компаниите“, посочува Сашо Раденковиќ, Управен обор на Комора на сметководители. 

„Се работи за донесување по прв пат на тарифник за утврдување на надоместок, кој ги опфаќа трошоците на работењето на секој вршител на сметководствената дејност,  книговодствени односно сметководствени работи“, вели Маја Георгиева, Комора на сметководители.

Сметководителите со став- направени се првите чекори за подигање на нивото на професијата, институциите да дадат подршка со конторла на квалитетот на работењето при вршење сметкводствени работи.

 

Сузана Фиданска- Стоевска