Заев: Ќе работиме во интерес на сите граѓани

01.06.2017 10:34

Премиерот Зоран Заев порача дека ќе работат во интерес на сите граѓани. Ги повика министрите функцијата да ја извршуваат чесно и одговорно.

Со 62 гласа „за“, 44 „против“ и 5 воздржани, Собранието ја изгласа новата Влада. Новиот кабинет даде свечена заклетва. Премиерот Зоран Заев порача дека ќе работат во интерес на сите граѓани. Ги повика министрите функцијата да ја извршуваат чесно и одговорно.

Пред гласањето за избор на новата Влада, Заев рече дека ќе работи на сплотување, а не на делење и одговараше на прашањата и забелешките на пратениците изнесени за време на дводневниот претрес.

Во однос на прашањето за името кажа дека Владата ќе разговара со опозицијата за да се постигне консензус и оти одлуките ќе бидат конечни на референдум пред граѓаните, но во функција да се најде решение, а не да се блокира.

Изрази надеж и за помош од меѓународната заедница.

Јас сум Македонец и ме боли исто како вас македонштината, а верувам и на сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност, рече Заев.

Новиот премиер од говорницата го покажа одговорот што го добил од Специјалното јавно обвинителство во кое тој се известува дека до овој момент нема поведена истражна постапка или е подигнат обвинителен акт за некој од 25-те министри вклучувајќи го и него. Одговорот од СЈО тој му го остави на претседателот на Собранието да им го подели на пратениците. Рече дека законот ќе важи за сите и оти не сака одмазда и реваншизам. - Секој ќе си одговара ако има докази, истакна тој.

За Парламентот рече дека треба да биде коректив на новата власт, а не извршно тело. За обезбедувањето кворум во Собранието смета ќе биде тешко. Се заблагодари за дел од конструктивните дискусии од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Сакам да знаат сите овде пред јавноста - ако некој се дрзне да интервенира врз обвинител или врз судија подобро сам да си даде оставка, а ако не го стори тоа, јас ќе дадам предлог за негово разрешување, изјави Заев додавајќи дека правната држава ќе се врати со личен пример и со политичка волја.

Премиерот Заев и се заблагодари и на Владата што заминува. Многу остри зборови беа кажани овие два дена, но секоја конструктивна забелешка ја прифаќам. Тешко е да се оди во опозиција, посебно заради сериозни сомневања. Но никој повеќе нема да има контрола врз правосудството, рече тој.

Зорувајќи за состојбата пред и по изборите, Заев им изрази почит на лидерите на партиите на Албанците за, како што рече, нивната присебност. Сигурен сум дека на сите им е тешко заради 27 април. Да пратиме порака да не се повтори никогаш повеќе, рече Заев.