Метис: САД ќе одговорат на провокациите од Северна Кореја

01.06.2017 10:58

Северна Кореја е директна закана по американската безбедност и не се исклучува воена реакција од САД. Американските воени сили тестираат соборување на интерконтинентален проектил како одговор на пробите со проектили на Северна Кореја.

САД ќе одговорат на провокациите од Северна Кореја, но ако дојде до вооружен конфликт, тоа ќе биде најлошата битка досега, предупреди американскиот секретар за одбрана Џејмс Метис. По најновото тестирање на проектил Северна Кореја се закани дека наскоро ќе испрати подарок за Американците. Пентагон засега остава простор за дипломатско решение но два американски воени бродови ќе изведат воена вежба во близина на корејскиот полуостров.

„Севернокорејскиот режим има стотици артилериски топови и носачи на проектили во близина на најнаселените градови на Земјата, меѓу кои и главниот град на Јужна Кореја. Овој режим е закана за Јапонија, Јужна Кореја и во случај на војна, ќе донесат опасност и за Кина и Русија. Тоа ќе биде катастрофална војна ако дојде до конфликт и ако не можеме да ја решиме ситуацијата со дипломатски средства“, изјави Џејмс Метис, американски Секретар за одбрана.

Според Пентагон, со секое ново тестирање на проектили, Северна Кореја станува поспособна за напад. Според секретарот Метис, Северна Кореја сега е директна закана по американската безбедност, но дека постои соработка со Кина за овој проблем. Секретарот за одбрана не сака да каже која е црвената линија за Северна Кереја што ќе предизвика реакција од американска страна.

Американските сили извршија успешно тестирање на соборување на интерконтинентален проектил како заштита од евентуален напад од Северна Кореја.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ