Тренеска- Дескоска: Ќе вложам максимални напори да го подобриме квалитетот на образованието

01.06.2017 11:58

Новата министерка изрази надеж дека на денешната собраниска седница ќе биде укинато екстерното тестирање.

Во Министерството за образование примопредавање на функциите министер меѓу Пиштар Љутфиу и Рената Тренеска- Дескоска. Новата министерка изрази надеж дека на денешната собраниска седница ќе биде укинато екстерното тестирање.

Свесна сум дека пред мене и пред Министерството стојат големи предизвици кои треба да значат подобрување на квалитетот во образованието во Република Македонија, враќање на дигнитетот на наставниците, професорите и сите оние коишто се вклучени во наставнообразовниот процес, рече Тренеска- Дескоска.

Таа додаде дека ќе се залага за создавање образование кое што ќе значи мотивација за децата, за професорите и мотивација за постигнување поголеми знаења.

Образованието е темелна дејност во секое општество бидејќи иднината на секоја држава и идната на секое општество зависи од вложувањето во образованието. Свесна сум дека ова е еден од најтешките ресори, ресор со кој граѓаните секојдневно имаат допир и ќе вложам максимални напори да го подобриме квалитетот на образованието во Република Македонија, истакна Тренеска- Дескоска.