Црна Гора забрани влез за 149 државјани на Русија и на Украина
Црна Гора им забрани влез на руски и украински државјани кои учествуваа активно во агресијата на Украина и присиленото анектирање на Крим. Претходно поради иста ваква мерка од страна на Москва, подгорица реагираше со протестна нота до Кремљ...

Црна Гора им забрани влез на 149 државјани на Русија и на Украина поради украинската криза и анексијата на полуостровот Крим. Списокот е формиран врз основа на одлука на Европскиот совет. Меѓу оние кои се прогласени за персона нон грата се и потпретседателот на Валдата на Русија, Дмитриј Рогозин, шефот на разузнавачките служби Николај Петрушев, претседателот на Чеченија Рамзан Кадиров и сопственикот на Телевизија Цариград, тајкунот Константин Малофејев.
Со одлуката на Владата на Црна Гора се ограничува влез и располагање со имот и средства на лица кои се одговорни за активното поддржување на политика која поткопува територијален интегритет, суверенитет и независност на Украина.
„Не е тајна дека Црна Гора уште од самиот старт се придружи на санкциите. Ние имаме право да преземеме реципрочни мерки, тоа е прифатено во европската практика“, изјави Марија Захарова, портпарол на МНР на Русија.
Црна Гора во 2014 година се придружи на санкциите на ЕУ воведени поради кризата во Украина. Поради тоа, пред неколку дена му беше забранет влез во Русија на Миодраг Вуковиќ, претставник на Деморатската партија на социјалистите. Подгорица реагираше со протестна нота до Кремљ, а медиумите претходно објавија дека постои список на 50 личности кои се непожелни во Русија, во кој наводно биле наведени и премиерот Душко Марковиќ, претседателот на Собранието, Иван Брајовиќ и лидерот на владејачката партија ДПС, Мило Ѓукановиќ.
Маја Филдишев
