Евроатлански честитки до новата Влада
За изборот на новата Влада се огласи и меѓународната заедница. Од Брисел велат дека очекуваат сите парламентарни партии да ги стават разликите на страна и со здружени сили да работат на заедничката реформска агенда, во корист на сите граѓани на земјава. САД очекуваат позитивна соработка со новата Влада којашто се стреми да ги реализира евроатлантските аспирации.

Стигнаа и првите евроатлантски честитки до новиот македонски кабинет. Во Брисел, Могерини и Хан, шефицата на дипломатијата и безбедноста и комесарот за соседска политика и проширување, поздравувајќи го изборот на Владата и составот, укажаа на подготвеноста на ЕУ за поддршка на работата на новата Влада, но и на опозицијата што би помогнало во конструктивно спроведување на сите делови од договорот во Пржино, како и итните реформски приоритети.
„Очекуваме сите парламентарни партии да ги стават на страна поделбите и да работат заедно на испорачување од почеток, на заедничката реформска агенда што ќе и користи на земјата во целост“- пишува во изјавата на Могерини и Хан, кои посочуваат на суштината- земјата да се врати на европската патека што, според нив, граѓаните ја посакуваат и заслужуваат.
И американскиот Стејт Депармент му честиташе на премиерот Зоран Заев и на собраниското мнозинство за формирање на новата Влада на Македонија.
„Како пријател и партнер на Македонија, САД очекуваат да работат со новата Влада напорно за да ги исполнат евроатлантските цели на земјата со спроведување на ургентниот напредок во зацврстување на владеењето на правото, независноста на судството, слобода на медиумите“, се вели во соопштението на Стејт Департментот, испратено од гласноговорничката Хедер Ноерт.
Зборував со премиерот Заев денеска и му честитав на новата одговорност, вели во соопштението на електронската страница Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. Се согласивме за важноста на посветување на итните, неопходни реформи, вклучувајќи ги доброто управување со државата, како и владеењето на правото.
„НАТО посакува стабилна, демократска и просперитна држава, како дел од регионот на Западниот Балкан. Со напредокот на Скопје, ние ќе продолжиме со нашата поддршка преку канцеларијата за врски на НАТО во главниот град“, се вели во соопштението на Северноатлантската Алијанса.
Во дописот се нагласува и дека реформите ќе бидат придонес за сите граѓани и натамошен напредок за остварување на евроатланстките аспирации на земјата.
Зоран Богатинов
