ДПМ одбележа 80 години од раѓањето на Јован Павловски

01.06.2017 15:44

Јован Павловски создаде богат и разновиден опус кој има значајно место во современата македонска литература. Друштвото на писатели одбележа 80 години од неговото раѓање и 60 години од творечка дејност.

Поет, раскажувач, романсиер, драмски автор, писател за деца и публицист- Јован Павловски создаде богат и разновиден опус кој има значајно место во современата македонска литература. Друштвото на писатели одбележа 80 години од неговото раѓање и 60 години од творечка дејност. Павловски бил прв човек на друштвото на писатели во три мандати.

„Тоа што ДПМ годинава го слави својот голем јубилеј, 70 години од своето постоење е неодминлива заслуга на Јован Павловски, кој за нас, што добро го познаваме и со кого континуирано соработуваме, го примаме и го доживуваме според сите димензии на една комплетна личност, како човек, пријател, творец, интелектуалец, писател, новинар, професор, публицист, енциколопедист“, изјави Веле Смилевски – претседател на Друштво на писатели на Македонија.

Професорката Ѓоргиевска – Јаковлева се осврна на животот и делото на Јован Павловски, кој според неа пред сѐ е раскажувач. 

„Ако го следиме одредувањето на стварносната проза како идеа за своевидно општествено- одговорна проза која кон дадени аспекти на социјалната и политичката сварност се поставува критички, тогаш несомнено романите на Павловски припаѓаат на ваквата поетика“, изјави Лорета Ѓоргиевска Јаковлева, универзитетски професор.

Јован Павловски дебитираше со стихозбираката „Август“. Автор е на романите „Тоа Радиовце во кое паѓам длабоко“,„Проверка на слободата“, „Град, години, луѓе“ и други. Павловски е добитник на многу врвни награди, неговото творештво е преведено на повеќе од 20 јазици.

 

Андријана Атанасовска