САД се повлекоа од Парискиот климатски договор

02.06.2017 11:02

Соединетите Американски Држави се повлекоа од Парискиот климатски договор потпишан од 200 држави, меѓу кои и Република Македонија во 2015-та година. САД бараат нов фер договор за климатски промени. Американското повлекување од Парискиот климатски договор ќе наиде на остри реакции од европските држави и Обединетите нации.

САД се повлекоа од Парискиот климатски договор, но оставија простор за преговори за нов климатски договор за намалување на глобалното затоплување на планетата поради загадувањето. Американскиот претседател Доналд Трамп истакна дека договорот е штетен за американската економија, додека останатите држави го користат да продолжат да загадуваат. Кина која е најголем загадувач во светот не е обврзана да ги намали емисиите на јаглерод диоксид до 2030-та година, а Индија може да отвора нови рудници за јаглен.

„САД под администрацијата на Трамп ќе продолжи да биде најчистата и најеколошката држава на планетата. Ќе бидеме најчистата, ќе имаме најчист воздух, најчиста вода, но нема да ги затвораме бизнисите и да ги губиме работните места, ќе растеме и тоа многу брзо“, изјави претседателот Доналд Трамп.

По повлекувањето од Парискиот климатски договор, можно е Европската Унија да воведе такси за загадување за САД, што ќе биде вовед во трговска војна. Америка беше најголемиот донатор во Фондот за зелена чиста енергија од 100 милијарди долари. Овој фонд без американски придонес ќе се намали и со тоа и средствата за проекти за чисти извори на енергија за државите потписнички на договорот.

„Странските лидери во Европа, Азија и во светот, не треба да имаат повеќе право да кажуваат за американската економија, отколку нашите државјани и нивните избрани претставници. Со нашето повлекување од Парискиот договор значи се враќа американскиот суверенитет“, нагласи Трамп.

Глобалното затоплување на планетата ако го почитуваат сите 200 држави потписници на Парискиот климатски договор ќе се намали за две десеттини од еден степен Целзиус до 2100-та година. Повлекувањето од Парискиот климатски договор го поздравија Републиканците во Конгресот и во Сенатот, а го осудија Демократите.

Иако САД се повлекоа од договорот, градоначалниците Демократи на Бостон, Њујорк, Чикаго, Лос Анџелес најавија дека и натаму ќе го почитуваат Парискиот климатски договор.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ