Вардар нов европски ракометен шампион
04.06.2017 20:36
Македонија го доби првиот европски ракометен шампион во машка конкуренција и по 15 години повторно има екипа континентален првак.

Екипата на Вардар е нов европски првак откако во Келн во финалето на ракометната Лига на шампиони, го совлада Пари Сен Жермен со 24:23. Победничкиот погодок во последната секунда го постигна Иван Чупиќ.
Македонија го доби првиот европски ракометен шампион во машка конкуренција и по 15 години повторно има екипа континентален првак. Капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов беше пресреќен по освојувањето на трофејот европски шампион, прв за Македонија во машкиот ракомет.
„Горд сум што сум капитен на овој тим. Играчите покажаа карактер. Не знам како да објаснам. Првпат имаме македонски европски шампион во машка конкуренција. Знаевме дека ќе биде тешко како во полуфиналето. ПСЖ е силен, исто како и Барселона. Се боревме цел натпревар. Одбраната, голманот беа одлични. Се надевам дека ја израдувавме цела Македонија“, изјави Стоилов.
Голманот на Вардар Арпад Штербик е прогласен за најкорисен играч на „фајнал фор“ турнирот во Келн. За Штербик ова беше четврти трофеј шампион на Европа.
„Го играв моето 9. финале во Лигата на шампионите. Многу сум среќен. Не е сеедно да се дојде како фаворит, или како нас, но ние имаме сложна екипа. Потешко е да се влезе на Ф4, отколку да се освои трофејот. Сигурно ривалите малку не потценија. Им честитам на сите. Сите дадоа се од себе. Иако немавме многу време за одмор одигравме борбено во исте 60 минути. Колективот е наша најголема сила и тренерот Гонзаелс“- нагласи Штербик.
Тренерот на Вардар Раул Гонзалес по освојување на шампионската лига рече дека неговиот тим го следела среќа, но дека трофејот во Скопје доаѓа како резултат на напорна четиригодишна работа.
„Јунаците беа супер. Се однесуваа паметно цел натпревар. Немавме многу време за одмор, ама одигравме со срце и со памет. Горд сум затоа што моите играчи се најдобри во Европа. За разлика од минатите сезони сега и нас ни се насмеа среќата, ама ова е резултат и на четиригодишната работа“, изјави тренерот Раул Гонзалес.
Ракомет со цврсти одбрани демонстрираа двете екипи во првото полувреме во кое вардарци во најголем дел беа во водство, но на пауза се отиде со еден гол предност за францускиот тим. ПСЖ водеше само на почетокот на првиот дел со 1:0 и на крајот со 12:11. Вардар не издржа и покрај тоа што го контролираше резултатот до 25. минута кога водеше со 10:8, а во два наврати имаше и плус три (5:2 и 7:4) во 10. и 20. минута.
Слично почна и второто полувреме со жестоки дуели на двете страни, но за разлика од првиот дел нападите побрзо завршуваа, а таквата игра му одговараше на Вардар кој во 37.минута ја вратија предноста од два гола (15:13). Следуваа минути кога парижаните играа со играч повеќе во поле и празен гол, тоа го искористија нашите ракометари со два погодока од својата половина и во 44.минута семафорот покажуваше 20:17 за избраниците на Раул Гонзалес.
Вардар влезе во серија од шест без постигнат гол, но одбраната беше на ниво и водството остана. Во 50. минута резултатот беше 21:19. Со мини серија од 2:0 ПСЖ изедначи на 21:21 во 53. минута и навести драматична завршница.
Со голот на Вуко Борозан во 56. минута Вардар поведе со 23:21. На две минути пред крајот парижаните намалија на 23:22. Вистинска драма се случуваше во последните една и пол минута. Најпрво Лука Циндриќ изнуди исклучување на Лука Карабатиќ, потоа Дибиров не реализира удар од крилна позиција. ПСЖ погоди на седум секунди до крајот за 23:23. По тајм-аутот на Гонзалес, Вардар изведе брза акција кој заврши со гол вреден европски трон.
Тимур Дибиров со 7 голови беше најефикасен во македонскиот состав, Циндриќ и Борозан постигнаа по 3, исто толку даде и Чупиќ меѓу кои и победничкиот со звукот на сирената.
Кај ПСЖ најефикасен беше Никола Карабатиќ со 5 погодоци.
Во меч за третото место, Веспрем ја победи Барселона со 34:30.
