Катар изолиран, Иран повикува на дијалог

05.06.2017 14:59

Иран ги повика Катар и неговите соседи од Персискиот Залив на отворен дијалог за решавање на несогласувањата, откако Саудиска Арабија и нејзините сојзници објавија дека ги прекинуваат дипломатските односи со Доха. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи изјави дека надминувањето на разликите меѓу земјите во регионот е можно единствено со политички и мирни средства и со отворен дијалог меѓу заинтересираните страни.

Коалицијата, предводена од Саудиска Арабија соопшти дека го прекинува учеството на Катар во заедничката воена операција против бунтовниците - Хуси, кои воспоставија контрола над голем дел од територијата на Јемен. Бахреин, Саудиска Арабија, Египет и Обединетите Арапски Емирати објавија дека ги прекинуваат дипломатските односи со Катар бидејќи оценуваат дека ги поддржува терористите и вооружените исламисти. 

Саудиската државна агенција соопшти дека Саудиска Арабија решила да ги прекине дипломатските и конзуларните односи со Катар „остварувајќи го своето суверено право, гарантирано со меѓународниот закон, да ја брани својата национална безбедност од опасностите од тероризмот и екстремизмот“.  Во соопштението понатаму се наведува дека земјата ги прекинува сите контакти за воздушен, копнен и воден пат со Катар и ги повикува сите братски земји и компании да го направат истото.

Египет соопшти дека ги затворила своите граници и воздушниот простор за сите транспортни врски со Катар, и дека ги прекинува дипломатските односи со Катар. 

Бахреин, пак, го обвини Катар дека ја поткопува безбедноста и стабилноста и дека се меша во неговите внатрешни работи, и им дадоа 48 часови на своите дипломати да го напуштат Катар. 

Катар денеска соопшти дека жали поради ваквата координирана одлука на Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин  и додаде дека тие мерки се неоправдани и засновани на тврдењата и обвиненија, кои не се базираат на факти.

Државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон изјави дека не очекува одлуката сериозно да се одрази на борбата против Исламската држава.

Координираното прекинување на дипломатските односи е драстична ескалација на споровите околу поддршката на Катар за Муслиманските браќа, инаку најстарото исламско движење во светот. 

Марина Автовска