Награди, а не казни за лекарите

05.06.2017 16:07

Промени во проектот „Мој термин“ најавува ресорниот министер Таравари. Најуспешните докторите ќе бидат наградувани, казни нема да има. Наградите според него, ќе се обезбедат од парите од вторите директори на клиниките, за кои како што рече тие места треба да бидат укинати. Министерот за здравство присуствуваше на одбележувањето на 25 години од основањето на Лекарската комора.

Лекарите ќе добиваат награди, но не и казни- ќе им се укине негативниот учинок. Ова е првата реформа во здравствениот систем, која ја најавува министерот Арбен Таравари. Наградите ќе се обезбедат од парите од вторите директори на клиниките, чии работни места ќе се пренаменат, а парите да им се дадат на најуспешните лекари во болниците.

„Учинокот ќе остане, но нема да има негативен учинок, секој лекар ќе зема 100 проценти плата, но ќе има доктори кои ќе бидат наградени, тоа се најуспешните. Секаде има по два директора, јас мислам дека тоа не е потребно, тоа е луксуз, но сепак треба со правниот тим да ги разгледаме можностите. Вторите директори, да бидат шефови на администрација да продолжат да работат, а парите да одат за пет- шест најуспешни доктори во клиниките или јавните установи“, изјави министерот Таравари.

Дигнитетот на докторите мора да се одржува - порача Таравари на 25 годишнината од формирањето на Лекарската комора. Според претседателката Старделова, Комората ќе работи за доброто на пациентите и на докторите.

„Ќе работиме сите заедно, со Министерството за здравство и со Фондот за здравство, нема да заборавиме на она што не учеа нашите професори и нивното искуство“, изјави д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарската комора.

Ќе се креира и 10 - годишна национална стратегија за здравството 2017-2027, која ќе биде уставот на лекарите.

 

Андријана Атанасовска