Прва седница на новата Влада
На првата седницата на новата македонска Влада се поставуваат стартните контури. Најавените мерки почнуваат со реализација на пакет од триесетина закони. Евроамбасадорот Жбогар прв годстин на премиерот Заев.

Распределба на ресори на министрите без портфељ, избор на Генерален секретар на влада, шеф на кабинет, 30- тина законски решенија- се точки на дневен ред на првата владина седница предводена од премиерот Зоран Заев. Рече дека ги поставуваат стартните контури на Владата за непречено функционирање.
„Една од темите на неформалниот дел од Владата ќе биде пакет од триесетина закони којшто го подготвувавме целиот овој период додека граѓаните очекуваа нова Влада се со конечна цел без некаков специфичен импакт заради тоа што имаме Буџет таков каков што е оставен, веднаш да почнеме со реализација и имплементација. Дел од овие мерки ќе имаат своја реализација со новиот Буџет, но дел ќе почнат веднаш да се реализираат. Да не ги повторувам мерките, радиодифузната такса, враќањето на евтината тарифа на струјата, социјалниот аспект преку Министерството за труд и социјална политика за најранливите категории на граѓани. кои буквално допираат до секој ресор, тоа значи до секое семејство во Република Македонија. Мојот прв впечаток е дека некаде есента мора да следува ребаланс на Буџетот“, изјави премиерот Заев.
Првата средба Заев како премиер ја оствари со евроамбасадорот Жбогар. Изјави дека приоритет се евроатланските интеграции преку спроведување на реформите. Потребно е да ги придвижиме процесите за што поскоро да ја тргнеме условената препорака, рече Заев. Евроамбасадорот Жбогар пак со констатација дека политичката криза е завршена, Владата и Собранието се функционални, а Европската унија е тука за да советува и да биде водич.
„Ако даде Господ со добра работа преку реформите и со многу посветеност на сите во земјата. Кога зборувам на сите, тоа значи и власт и опозиција, и извршна и законодавна власт, и сите други партиципиенти во секојдневниот живот, да овозможиме надеж дека ќе отпочнеме преговори со ЕУ, час поскоро“, нагласи Заев.
„Најпрвин да му честитам на премиерот за одговорноста што ја презеде во овој важен период. Сега Собранието функционира, како и Владата, што ни влева доверба за излегување на земјата од кризата. Но, и доверба за да се гледа на иднината на земјата со оптимизам“, изајви евроамбасадорот Самуел Жбогар.
Премиерот Зоран Заев изјави дека ќе биде направен обид во Парламентот да се обезбеди двотретинско мнозинство за да може да се продолжи мандатот на Специјалното јавно обвинителство. Имаме договор со партнерите, но не и со нашите опоненти кои се со спротивен став, рече Заев и додаде дека продолжувањето на мандатот на СЈО ќе биде тешка мисија.
Тоа што ќе следува е партнерите во владата СДСМ, ДУИ и БЕСА да се договорат околу распределба на местата од пониските ешалони на власта.
Миле Ристески
