Марковиќ: Се надевам дека Македонија наскоро ќе биде примена во НАТО

06.06.2017 12:31

Црна Гора и официјално стана 29-та членка на НАТО. Црногорскиот премиер Душко Марковиќ му ги предаде документите за ратификација на американскиот државен потсекретар Томас Шанон. Од Стејт Департментот порака, вратата останува отворена за нови земји членки коишто ќе ги исполнат критериумите...

Со официјална цеременија во Стејт Департментот во Вашингтон, Црна Гора стана 29-та земја членка на НАТО. Црногорскиот премиер Душко Марковиќ официјално го депонираше инструментот за приклучување на Црна Гора во НАТО кај американскиот потсекретар Томас Шенон. Генералниот секретар Јенс Столтенберг којшто присуствуваше на церемонијата ја поздрави најновата земја членка на Алијансата. Од Стејт Департментот го повторија ставот на американскиот претседател Доналд Трамп дека НАТО е бедемот за меѓународниот мир и безбедност и дека приемот на Црна Гора потврдува дека вратата на НАТО останува отворена за нови земји членки.

„Јас би сакал и Босна и Херцеговина и Македонија да го забрзаат својот процес. Знаете дека Македонија беше отидена многу далеку, но од различни причини заостана на тој пат. Верувам дека сега се создаваат околности и внатрешна атмосфера во Македонија, да Македонија тргне со забрзана интеграција, не само кога е во прашање НАТО туку и во Европската Унија. Црна Гора е тука да ја зајакне, да биде со Македонија и да ја поддржи и охрабри и се разбира со своето знаење и искуство да придонесе тој процес да се заврши во најкратниот можен рок“, изјави Марковиќ.

„Вратата на НАТО е отворена. Со ова што го направивме денеска докажува дека вратата на НАТО е отворена за оние држави коишто се способни за реформи, да го спроведуваат владеењето на правото и да ги модернизираат институциите на одбраната, вратата на НАТО е отворена. Работиме со Босна и Херцеговина и со Поранешната Југословенска Република Македонија да ги спроведат неопходните реформи на патот кон членство во НАТО“, рече Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Црногорскиот премиер Марковиќ беше примен од американскиот потпретседател Мајк Пенс во Белата куќа.

Од Црна Гора како најнова земја членка на НАТО се очекува да издвојува најмалку 2 проценти од БДП за воени цели.

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ