Железничкиот сообраќај во прекин, штрајкува машинскиот персонал во Македонски железници

06.06.2017 15:02

Запрен железничкиот товарен и патнички сообраќај поради штрајк на дел од вработените во Македонски железници. И натаму се провлекуваат истите проблеми со неисплатените плати и несоодветни услови за работа. Денеска единствено пропуштен експресниот воз Белград- Скопје- Солун.

Неисплатените плати за април и за мај повторно го запреа железничкиот сообраќај. Не тргнаа ниту патничките ниту товарните возови. Вработените во македонски железници велат дека вака ќе биде се додека не се исполнат нивните барања. Не отстапуваат од барањата за плата и нејзина корекцијa.

Од Министерството за транспорт велат дека предлогот кој е даден работниците треба да го прифатат, бидејќи со него се зголемува коефициентот за плата од 2,7 на 2,85 проценти. Ќе бидат регулирани и ноќните смени и работата во недела.

Според директорот Коруновски, ова е нелегален протест бидејќи според Законот за железници тој е дозволен, но не и блокада на целиот сообраќај.

Протестот на вработените во Македонски железници ги испразни чекалните и пероните на железничката станица во Скопје. Во наредните денови единствено ќе сообраќа возот Солун- Скопје- Белград.

Вработените во Македонски железници протестираа и во февруари барајќи да им биде исплатена јануарската плата, што резултираше со оставката на тогашниот директор.

 

Дијана Ценевска