Обиди за смирување на заливската криза
САД нема да го променат ставот за Катар по одлуката на шест арапски земји да ги прекинат дипломатските односи со таа земја поради поддржување на тероризмот. Ердоган разговараше со лидерите на Катар, Русија, Кувајт и Саудиска Арабија, а кувајтскиот Емир со посетата на Ријад ќе се обиде да ги намали тензиите. Обиди за смирување на тензијата прави и Алжир.

Неколку велесили во арапскиот свет му свртеа грб на Катар поради наводна поддршка на тероризмот. Бахреин, Египет, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Јемен и Малдиви ги прекинаа дипломатските односи, а дел од нив го блокираа и воздушниот, копнениот и поморскиот сообраќај со оваа земја. Поради дипломатскиот спор, катарските државјани кои престојуваат или живеат во овие држави добија рок да си заминат најдоцна за две недели.
„Кувајт и Оман стравуваат од ескалација на оваа тензија зашто ќе се поткопаат интересите на сите шест земји членки на Советот за заливска соработка. Ако не ги решат проблемите, нема да можат да се обединат во едно тело“, изјави Џорџо Кафиеро, аналитичар.
Политичките несогласувања ќе ја разнишаат економијата на Катар. Земјата зависи од увоз на храна која претежно се внесува преку границата со Саудиска Арабија, што сега е затворена. Оваа рута е важна и за увозот на градежнички материјали потребни за подготовките на Светското фудбалско првенство во 2020 година. Катар извезува нафта и гас преку поморските сообраќајници. Како членка на ОПЕК, проблемите со заливските моќници ќе се одразат и врз организацијата.
Откако беше хакирана веб- страницата на Катарската новинска агенција при што беа објавени лажни информации за емирот, шеикот ал Тани, двете станици со седиште во Обединетите Арапски Емирати им посветија огромно внимание на неточни вести, организирајќи дури и дебатни емисии. Владата на Катар категорично негира дека биле дадени такви изјави во кои челникот на државата изразил поддршка за Иран, Хамас, ХхХХезболах и Израел, истовремено наведувајќи дека претседателот Трамп нема да биде долго на власт.
Маја Филдишев
