Незаборавно добредојде за Вардар од илјадници фанови
Ги дочекаа на аеродром и ги вивнаа повторно во облаци. Илјадници фанови им приредија незаборавно добредојде на европските шампиони.

Ја покорија ракометна Европа и пехарот го донесоа дома. Вардаровите момчиња испишаа историја. Скопје во радост, обоено во црвено- црна боја. На аеродромот „Александар Велики“ еуфорија и славје. „Ајдее, ајдее Вардарееее“- ечеа грлата на Комитите, верните вардарови навивачи. Ракометни колоси на домашен терен високо го издигнаа победничкиот пехар. Го отворија шампањот, прославија за успехот, за Вардар, за Македонија.
Преполниот панорамски автобус тргна кон Центарот на Скопје. Вардарци не ја криеја радоста, три дена го чекаа денот кога ќе прослават со верните навивачи. Испишаа историја, наздравуваа, славеа и пееја, сонот стана јаве и за играчите и за навивачите. Постигнат е најголемиот клубски успех, кој ја дигна Македонија на нозе.
А, зад нив се редеше колона од возила, македонското знаме се вееше од автомобилите, народот се излеа на улиците. Вардарци беа поздравувани од домовите, мостовите, булеварите, се чини денеска сите го чекаа вардаровиот автобус.
Европските шампиони стигнаа на Плоштадот, славенички мина низ Триумфалната порта. А, таму река од народ, со овации и аплауз ги поздравија ракометарите.
Еден по еден Вардарци се качуваа на бината и секој на свој начин ја честиташе победата. Во еден глас ги пееја навивачките песни, а не изостана и легендарната „Ој Вардаре“.
Денес гореше Скопје, а Македонија беше на нозе. Три дена се слави Вардар и европската титула.
Викторија Милевска
