Турција: Наредба за апсење десетици лица од две министерства

06.06.2017 16:34

Наредбите за апсење биле издадени за 30 вработени во турското Министерство за образование и 17 вработени од Министерството за транспорт, навигација и комуникација. Осомничените се корисници на мобилната апликација Бајлок...

Турската телевизија „СИ-ЕН-ЕН-Турк“  пренесе дека обвинителството во Анкара издало десетици наредби за апсење во турски министерства во рамките на истрагата за организацијата на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен.

Наредбите за апсење биле издадени за 30 вработени во турското Министерство за образование и 17 вработени од Министерството за транспорт, навигација и комуникација. Осомничените се корисници на мобилната апликација Бајлок, што се смета дека била користена за комуникација меѓу организаторите за подготовка и реализација на обидот за државен удар во Турција во јули минатата година. Операција за задржување на осомничените изутрината почнала. 

Турските власти сметаа дека обидот за преврат на 15 јули е извршен од организацијата ФЕТО на муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој живее во САД. Ѓулен ги отфрла обвиненијата.

Инаку турските власти сопштија дека проповодникот кој живее во САД ќе го загуби турското државјанство доколку не се врати во Турција во рок од три месеци.

Одлуката е објавена во турскиот Службен весник, а Министерството за внатрешни работи направи список од 130 лица, кои исто така ќе го загубат државјанството доколку не се вратат во Турција. На списокот се наоѓаат и двајца пратеници од турската Прокурдска партија кои се обвиниети за тероризам, а се верува дека живеат некаде во Европа.

Ѓулен во неколку наврати го демантираше тврдењето на турските власти дека стои зад неуспешниот обид за државен удар. 

 

Марина Автовска