„Медал за заслуги за Македонија“ за ракометарите на Вардар
Претседателот Ѓорге Иванов ги одликува со „Медал за заслуги за Македонија“ ракометарите на Вардар, европските шампиони. На ракометниот клуб му беше доделено признанието „Повелба на Република Македонија“.

Ракометните легенди кои извојуваа европска титула се одликувани со „Медал за заслуги за Македонија“. Шефот на државата Ѓорге Иванов организираше прием во вилата Водно каде и ги закити со престижното обележје. На ракометниот клуб Вардар Иванов му додели признание „Повелба на Република Македонија“.
„Во името на сите граѓани на Република Македонија, имав задоволство и чест да донесам укази за доделување на високи државни признанија на нашите спортски идоли. Со својот подвиг, ракометарите на Вардар апсолутно ги заслужија високите признанија. Од се срце ви честитам за огромниот успех. Со вашата желба, мотивираност, сплотеност и тимски дух, ни покажавте дека не постојат искушенија и предизвици кои не можат да се надминат, и врвови кои не можат да се освојат. Вие сте пример од кој ќе учат и ќе се мотивираат и сегашните и идните генерации“, изјави претседателот Иванов.
Како што појасни претседателот Иванов, членовите на клубот се одлукуваат со Медал за заслуги заради постигнатите врвни резултати постигнати на меѓународен план, што е од исклучителна важност за афирмација на нашата земја во светот.
„Ова е огромна чест за секој Македонец, верувам и за секој странец,и се надевам дека нема да биде последен пат да сме тука“, рече капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов.
Ракометарите на шефот на државата му подарија спортски дрес.
Анита Димитријевска
