Прво соочување на премиерот Заев со јавноста

07.06.2017 10:17

Синоќа на Македонската телевизија премиерот Зоран Заев имаше прво соочување со јавноста. Во отворената програма на јавниот сервис беа поканети уште девет медиуми. Се бараа одговори за идното функционирање на новата Влада, на прашања поврзани со внатрешната и надворешната политика, и економијата.

Премиерот Заев во интервјуто за јавниот сервис изрази надеж дека Македонија многу брзо може да стане членка на НАТО под привремената референца, а паралелно да продолжат разговорите со Грција за спорот за името.

Членството во Алијансата, вели Заев, е можно ако Грција го ослободи ветото. Има два начина: решение на проблемот или под привремената референца да влеземе во НАТО, а да ги продолжиме преговорите со Грција за проблемот што го има со нашетот уставно име заради наше интегрирање и во ЕУ, рече Заев.

Заев најави дека тој и новата Влада кон соседите ќе водат политика на пријателство без провокации и очекува на тоа позитивно да биде возвратено.

Во однос на економијата, Заев изјави дека се поминати линиите на ликвидност во државниот буџетот, и дека во него нема 130 милиони туку 6 милиони евра, но е убеден дека новата Влада ќе ги сервисира сите обврски на државата и потребите на граѓаните.

Мислам дека има скриен долг кој не е евидентиран во севкупниот долг на државата поголем од една милијарда. Ова е сѐ уште логична информација. Министерот за финансии ќе излезе на прес-конференција и како што ќе ги добива информациите ќе и ги соопштува на јавноста. Ова не го кажувам за да го исплашам народот. Имаме добар менаџмент, ќе го изменаџираме целиот овој процес и Македонија ќе тргне напред, изјави Заев.

Убеден е дека државата ќе има доволно средства да ги следи сите политики, да ги алиментира сите потреби на граѓаните, онака како што се испорачани како ветувања од новата Влада, како и за редовна исплата на пензиите.

Целото интервју со премиерот Зоран Заев може да го погледнете на следниот ЛИНК